Фудбалската репрезентација на Данска е првиот четвртфиналист на ЕВРО 2020. Данците во Амстердам на култната арена „Јохан Кројф“ убедливо ја совлада селекцијата на Велс со 4-0.
Велшаните мораат да го признаат поразот, беа апсолутно надиграни и не успеаа да го задржат нивото на игра од првите петнаесетина минути кога беа подобри од Данска.
Херој на Данците беше напаѓачот на француска Ница, Каспер Долберг кој постигна два погодоци, додека по еднаш во листата на стрелците се запишаа Меле и Брајтвајт.
Данска во четвртфиналето ќе игра против подобриот од дуелот Холандија – Чешка кој се игра утре во Будимпешта.