Вечерва љубителите на УФЦ ги очекува доста интересен настан на кој ќе има дури 13 борби. Главна борба на вечерта, секако е гладијаторскиот реванш на двајцата извонредни борци, Камару Усман и Хорхе Масвидал.
Првата борба заврши со победа на Нигериецот после 5 рунди со едногласна одлука на судиите. Мора да напоменеме дека Американецот мечот го прифати 6 дена пред негово одржување, па немаше ни приближно доволно време да се подготви како што треба за еден ваков дуел.
Сепак, покажа и даде максимум и дефинитивно ја заслужи почитта на противникот па од таму произлезе и реваншот на борбата. Физичката доминација која што Усман ја има над своите противници во оваа категорија е навистина неверојатна.
Поседува широк спектар на потези за рушење на противникот, технички одлично е поткован, но она каде што највеќе ја покажува својата физичка доминација е секако борбата во клинч. Кондиционо е преспремен па нема никаков проблем да го држи истото темпо максимални 5 рунди.
Нигериецот по четврти пат ја брани титулата во оваа категорија, втор пат против Масвидал за помалку од година дена. Ќе биде вистинско чудо и неверојатен подвиг доколку Американецот успее да му го одземе појасот.
Во секој случај не очекува еден од највозбудливите и драматичните реванши во историјата на УФЦ.
Напишал: Ф. М