Малинков нов тренер на Пелистер

Кошаркарскиот клуб Пелистер му додели отказ на српскиот тренер, Зоран Тодоровиќ, а на негово место го назначи поранешниот тренер на Фени индустри, Љупчо Малинков.

Причина за оваа одлука на раководството на клубот од „Широк сокак“ е поради што битолчани не успеале да му обезбедат лиценца на Тодоровиќ. Србинот не ги исполнувал условите на КФМ за добивање дозвола за работа во македонската кошарка, по што клуб одлучи да се раздели со него.

„Управата на КК Пелистер, АД Битола сака да изрази голема благодарност до кошаркарскиот селектор и тренер Зоран Тодоровиќ за неговиот ангажман и огромен придонес во развојот на битолската и македонската кошарка.

За жал оваа сезона, како и минатата, не успеавме да обезбедиме тренерска лиценца за шефот на нашиот стручен штаб поради критериумите и пропозициите од правилникот на тренерската организација при КФСМ и со тоа нам, и него, му беше скратено правото да ги води натпреварите како прв тренер.

Во тие отежнати околности дојдовме до заедничко решение за доброто на сите, односно, Зоран Тодоровиќ, да може да ја продолжи кариерата во друг клуб каде што ќе може непречено да ја извршува својата функција, а исто така и ние да можеме да ангажираме тренер кој ќе може да ја извршува непречено функцијата, шеф на стручен штаб во нашиот клуб и со тоа да пробаме да ги подобриме резултатите во оваа сезона.

Во оваа прилика уште еднаш да изразиме голема благодарност до Зоран Тодоровиќ и му посакуваме многу здравје и среќа во понатамошната кариера. Нашата соработка беше и ќе остане во иднина на високо ниво затоа што причината за спогодбено разидување е чисто од технички причини.

Изборот на нов тренер падна на долгогодишниот стратег на клупата на Фени Индустри и помошник во мак-сениорска репрезентација Љупчо Малинков, на кого му посакуваме добредојде и успех во останатиот дел на сезоната“, се вели во соопштението на Пелистер.

Leave a Reply

Оваа страница го користи Akismet за да се заштити спам. Дознајте како се обработуваат податоците од вашите коментари .