Дојде крајот: Пандев утре го игра последниот натпревар во дресот на Македонија!

Најголемата икона на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев утре ќе го одигра последниот натпревар во дресот со државниот грб. Големиот Пандев ова го потврди на прес – кофнференцијата пред утрешниот натпревар против Холандија во Амстердам.

„Да, ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Ова е крај на мојата кариера во репрезентативниот дрес. Не знам како ќе биде во Италија, но играње на два фронта, и во Италија и во репрезентативниот дрес е преголем товар и затоа дуелот со Холандија е дефинитивен крај. Мислам дека оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на репрезентативниот фудбал, и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес. Им посакувам на овие момци уште многу успеси во иднина, и сигурен сум знаејќи ги нивните квалитети дека уште многу пати во иднина сите ќе не радуваат. Среќен сум што се збогувам на еден ваков начин, на едно големо натпреварување. Среќен сум што се повлекувам на ваков начин. Може да кажам дека подобро збогување од дресот на еден дуел против Македонија, на Европско првенство не можев и да посакам. Има емоции но знам како да се носам со нив. Среќен сум што Македонија играше на едно големо натпреварување и дај боже утре сето тоа да го заокружам со еден позитивен резултат“, изјави Пандев.

Leave a Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.