Двата Ескобара и најтрагичниот автогол во историјата

Почетокот на јули секогаш не потсетува на една трагедија, кога поради автоголот на СП 1994 беше убиен колумбискиот репрезентативец Андрес Ескобар.

Пред стартот на Светското првенство во 1994. година кое беше одиграно во САД, еден од најдобрите фудбалери во историјата Пеле даде и тоа како храбра прогноза.

„Колумбија ќе стигне барем до полуфиналето“, кажа легендарниот напаѓач.

Бразилецот не типуваше на памет на фудбалерите на Франциско Матурана. Колумбиската репрезентација требаше да биде хит на Мундијалот во САД, но Јужноамериканците во историјата влегоа поради потполно погрешни причини.

Освен по Колумбија тоа Светско првенство ќе се памети и по неверојатната бугарска репрезентација, но и по промашениот пенал на Роберто Баџо во финалето против Бразил. Сепак, еден гол во второто коло од фазата по групи засекогаш ќе промени една земја.

Интересно, Колумбијците на 26 натпревари во низа пред почетокот на СП имаа забележано само еден пораз. На нив во последното коло од квалификациите им требаше само еден бод во натпреварот против Аргентина, која тогаш во составот го имаше легендарниот Марадона и кои се наоѓаа на чекор од испаѓање.

Колумбија спектакуларно ја демолираше Аргентина со огромни 5-0 и тоа на гостински терен. Тие играа толку добро што распродадениот стадион „Монументал“ на Ривер Плата со аплаузи ги испрати Колумбијците кои во тој момент играа фантастичен фудбал.

Тренерот Матурана во својот состав ги имаше Карлос Валдерама, Фреди Ронкон, Алексис Гарсија и Фаустино Асприља. Тука беше и Андреас Ескобар, одличниот 27- годишен капитен на тимот кој поради стилот на игра и живеење беше наречен „El caballero de futbol “ што значи фудбалски џентлмен.

САМО ЈУЖНОАМЕРИКАНЦИТЕ ЗНАЕА КОЛКУ Е СИЛНА КОЛУМБИЈА

Колумбијците надвор од Јужна Америка не беа многу познати. Тогаш кабелските телевизии, стримовите не беа до оваа мера развиени. Додека репрезентацијата играше одлично, ситуацијата во Колумбија беше катастрофална. Три месеци по спектакуларната победа во Буенос Аирес која ја однесе Колумбија на СП, на кровот на една куќа во Меделин беше убиен еден друг, многу по опасен Ескобар. Пабло.

Господарот на животот и смртта повеќе од 10 години ја држеше Колумбија под контрола. Тој беше одговорен за смртта на судиите, политичарите, уби повеќе од 500 полицајци, членови на ривалските картели. Повеќе од 80 проценти од дрогата во САД доаѓаше преку неговите раце, а во најдобриот период тој заработуваше верувале или не повеќе од 22 милијарди долари годишно.

Тој во меѓувреме изгради околу 10 фудбалски игралишта и го купи локалниот фудбалски клуб Атлетико Национал, кој освен што служеше за перење пари, оствари огромен успех и во 1989. година го освои Либертадорес купот, а еден од главните играчи на клубот беше неговиот презимењак Андрес.

На почетокот на 90-тите години тој се предаде на колумбијските власти во замена за служење на казната во затворот кој самиот го водеше. Ескобар побара да му направат фудбалско игралиште на кое играше фудбал со колумбиските репрезентативци.

Тие тајно му доаѓаа на Пабло на гости, а се се дозна кога легендарниот голман Реге Игита им призна на новинарите дека игра фудбал со наркобосот. Кај Ескобар одеше и другиот Ескобар, Андрес кој и призна на сестра си што мисли за тоа.

„Мариа не сакам да одам таму, но немам избор“, кажал Андрес.

Неколку месеци подоцна Ескобар побегна од затвор. Откако сите му го завртеа грбот тој беше убиен од страна на полицијата на втори декември 1993 година. Владата се надеваше дека со убиството на Пабло теророт и агонијата ќе завршат, но не беше така.

ВИСТИНСКИ ХАОС ПО СМРТТА НА ПАБЛО

„Кога умре Пабло, градот немаше кој да го контролира. Шефот беше мртов, па сите станаа шефови. Пабло забрануваше киднапирувања и криминалот го контролираше. Ништо илегално не можеше да се случи без тој да даде дозвола“, кажа неколку години подоцна неговиот роднина Џаиме Гавира.

Близок пријател на Пабло беше и колумбијскиот селектор Матурана, кој го водеше Атлетико Национал еден период.

„По неговата смрт мораше да се внимава на секој чекор. На никој повеќе не можеше да му се верува“ се потсети Матурана.

Во таква атмосфера со граѓанска војна на улиците, колумбијската репрезентација отпатува на Светското првенство во САД.

„Тешко е да останеш фокусиран на фудбалот. Сепак, верувам дека спортот може да го сопре насилството во нашата земја“, кажа Андрес Ескобар.

Тој и неговите соиграчи отидоа на СП под огромен притисок на нацијата која очекуваше историски резултати. Во групата со Романија, САД и Швајцарија, Колумбијците беа фаворити за пласман во следната рунда, но веќе на првиот меч против Романија се чуствуваше дека нешто не е во ред.

Предводени Георге Хаџи, Романија играше класичен бункер на контри и брзо поведе со 2-0. Колумбија намали преку Валенсија, но Романците постигнаа уште еден гол за конечни 3-1.

Тоа беше почетокот на психолошката криза во која упадна Колумбија. Сите играчи беа свесни дека криминалците во нивната земја се обложуваа на огромни сум за нивен успех во САД. Заканите кои пристигнуваа во репрезентацијата беа сериозни. Братот на Луис Херера загина во сообраќајна несреќа, а набргу потоа и неговиот син беше киднапиран.

„Андрес ме тешеше таа ноќ. Сакав да се откажам и да се вратам дома, но тој ми кажа дека цела земја зависи од нас и дека ова ни е единствена шанса“, се потсети Херара подоцна.

Со таков страв Колумбијците го дочекаа вториот натпреварот во кој се судрија со домаќинот САД. Тие денови хаосот во Меделин беше на највисоко ниво, а вестите стигнуваа и до кампот на репрезентацијата на Флорида.

Тренерот Матурана на состанокот пред мечот дојде со солзи во очите. Некои играчи добиваа смртни закани, а на Матурана ден порано му било најавено дека сите ќе бидат убиени доколку на теренот истрча Габриел Барабас Гомез.

„Тој ми беше најважниот фудбалер, но немав избор. Не сакав да ризикувам“, ја објасни Матурана одлуката да го остави Гомез на клупата.

КАТАСТРОФАЛНА АТМОСФЕРА ВО СООБЛЕКУВАЛНАТА

„Сите бевме под притисок и парализирани од страв. Никој со никого не зборуваше и така истрчавме на терен“, изјави легендарниот Асприља.

Иако беа под закани за својот живот сепак, Колумбијците уште од стартот доминираа, но не успеаа да постигнат погодок.

„Напаѓавме од сите страни, но едноставно не можевме да постигнеме погодок“, се потсетува Алварез.

И тогаш дојде 22. минута. Во едно од ретките нафрлања на Американците, Џон Харкес упати ниска топка во шеснаесетникот. До нејзе прв стигна Андрес Ескобар кој направи грешка и си постигна автогол. Тој како да знаеше што следува и неколку секунди лежеше на тревата и гледаше кон небото. Неговата сестра го гледаше натпреварот заедно со семејството во Меделин.

„Мојот син од девет години ми кажа: ‘Мамо, ќе го убијат Андрес’“, раскажуваше сестрата на Ескобар во фантастичниот документарец на ЕСПН „The Two Escobars“.

„Немаше друг избор, мораше да оди на таа топка. Се сеќавам на изразот на неговото лице. Како да знаеше што ќе се случи“, кажа неговиот соиграч Алексис Гарсија.

Шокираната Колумбија веќе не можеше да се спаси. Во 52. минута Стјуарт го зголеми водството на САД, а почесниот гол за Колумбија го постигна Валенсија во 90. минута. Колумбијците во последното коло ја совладаа Швајцарија со 2-0, но испаднаа поради победата на Романија над САД. Разочарани и исплашенни, Колумбијците се вратија дома.

ГО СОВЕТУВАА ДА НЕ ИЗЛАГА ВО ГРАД

Ескобар беше многу потресен поради разочарувањето кое и го приреди на својата земја, но и поради автоголот кој донесе колапс на неговата репрезентација. Неговиот пријател Цесар Маурицио Веласкуез го натера да напише отворено писмо до Колумбијците во весникот „El Tiempe“.

Кога стигна дома, Андрес сакаше да излезе со пријателите и соиграчите. Го викна и соиграчот Херера кој пак му порача дека е подобро да остане дома додека не се смират тензиите околу репрезентацијата.

„Му кажав дека улиците се многу опасни и дека конфликтите не се решаваат со раце. Му реков да остане дома, но тој ми одговори дека мора да излезе пред својот народ и да го погледне во очи“, се потсети селекторот Франциско Матурана.

Според изјавите на сведоците, Ескобар во кафулето „El Indio“ во Меделин погледнал погрешни луѓе кои почнале да го навредуваат и саркастично да му честитаат поради автоголот кој го постигна. Ескобар си заминал од кафулето, а тие продолжиле да го следат и навредуваат.

Вознемирен, Андрес седнал во автомобилот и се доближил до човекот со кој се расправал. Во еден момент тој извадил пиштол и испукал шест куршуми кон Ескобар. По секој испукан куршум тој извикувал „Гол“. Потоа, тие си заминале и го оставиле Ескобар да искрвари. Брзата помош стигнала, но Андрес 45 минути подоцна починал во болницата.

Очевидците на полицијата и ги кажале регистарските таблички на возилото со кое осомничените побегнале. Било утврдено дека станува збор за браќата Галон, кои по смртта на Пабло Ескобар оформиле нов картел.

Неофицијалните инфоримации велат дека Педро и Хуан Галон го поткупиле јавниот обвинител со три милиони долари за да не бидат обвинети тие, туку нивниот телохранител Хумберто Карлос Муњоз.

Иако никогаш не е потврдено кој точно пукал, сепак Муњоз доби 43 години затвор, а неговите соработници беа ослобдени од обвинението. Излезе по 11 години поради добро однесување.

На погребот на Андрес присуствувале 120 илјади луѓе, а по неговото убиство неколку фудбалери се повлекоа од колумбијската репрезентација. На погребот присуствуваше и тогашниот колумбијски претседател Цезар Гавирира кој кажа дека мора да се стави крај на насилството во Колумбија.

„Животот овде нема да заврши. Мораме да продолжиме понатаму. Колку и да е тешко, мораме да застанеме на нозе.

Имаме две опции- да дозволиме стравот да не парализира и да дозволиме да се продолжи со насилството или заедно да се бориме против тоа и да си помогнеме едни на други.

Изборот е наш. Мора да се почитуваме“, напиша Андрес Ескобар неколку денови пред смртта во колумбијскиот весник „El Tiempe“.


Leave a Reply

Оваа страница го користи Akismet за да се заштити спам. Дознајте како се обработуваат податоците од вашите коментари .