Ангеловски: Против Грузија ќе решаваат нијанси

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски пред стартот на подготовките за историскиот натпревар против Грузија ги кажа очекувањата пред мечот на „Динамо арената“ во Тбилиси.

„Знаеме против кого играме, знаеме за што играме. Треба да бидеме максимално сконцентрирани, мотивирано да го одиграме натпреварот и да го добиеме за конечно да се пласираме на Европското првенство. 

Ова е натпревар кој навистина носи посебни емоции бидејќи имаме шанса на фудбалска Македонија да и донесеме пласман на Европско првенство. Со позитивните резултати кои ги остваривме се донесовме во таква ситуација, среќни сме што сме дел од ова финале, но не планираме тука да застанеме. 

Ова е потполно нов натпревар во однос на нашите два меѓусебни меча, ова е финале, двете репрезентации ќе влезат различно во дуелот во кој очекувам да решаваат нијанси, а тие да бидат на наша страна“, започна селекторот.

Ангеловски се надева дека ќе ги надминеме проблемите со ситната повреда на стандардниот Аријан Адеми кој пријавил ситна повреда, а воедно жали за позитивниот корона тест на Даниел Божиновски.

„Од фудбалерите кои пристигнаа во репрезентативната база, за жал, Даниел Божиновски е позитивен на Ковид-19 и нема да биде во комбинација за овие натпревари.

Денеска го очекуваме пристигнувањето на Кире Ристевски кој треба, исто така да има негативен тест за да може да се стави на располагање. Аријан Адеми ќе оди на детални медицински прегледи откако пријави повреда здобиена на загревање пред вчерашниот натпревар на Динамо.

Јас се надевам дека нема да имаме дополнителни проблеми по пристигнувањето на останатите фудбалери и подготвени ќе ги започнеме планираните тренинзи“, кажа популарниот Мрме.

Leave a Reply

Оваа страница го користи Akismet за да се заштити спам. Дознајте како се обработуваат податоците од вашите коментари .