Алушовски: Не сме без шанси против Фленсбург

Тренерот на македонскиот ракометен првак Вардар, Стевче Алушовски пред утрешниот меч од четвртото коло од Лигата на шампионите против германскиот бундеслигаш Фленсбург кажа дека очекува добар настап од неговите избраници.

„Пред нас е мечот со Фленсбург, за нас прв на домашен терен во ЛШ за оваа сезона. Знаете дека цел месец немаме одиграно официјален натпревар, секако дека Фленсбург е во предност бидејќи е во натпреварувачки ритам.

Ние цел месец тренираме и се обидовме да одиграме две пријателски средби, но јасно е дека тоа не може да биде замена за силни натпревари од ЛШ. Она што го очекувам секако е, без разлика на се, една машка борбена игра од наша страна.

Добро ги анализиравме, не сме без шанси без разлика што тие веќе го победија ПСЖ на гостински терен. Играме во нашата сала, ќе се обидеме да излеземе како победници од овој натпревар. За мене е многу важно пред се нашиот тим да биде подобар од она последно издание во Мешков. Ако го сториме тоа, мислам дека имаме шанси да се радуваме на крајот.

И Фленсбург има свои проблеми, пред се со повредени играчи, немаат преголема ротација, но мала предност е што моментно се во подобра натпреварувачка форма. Тоа не значи дека ние нема да направиме се за да стигнеме до победата“, изјави Алушовски.

Leave a Reply

Оваа страница го користи Akismet за да се заштити спам. Дознајте како се обработуваат податоците од вашите коментари .